Uploaded by Oliver Mitevski

Зошто малите и средните претпријатија пропаѓаат во првите пет години

advertisement
Зошто малите и средните претпријатија пропаѓаат
во првите пет години
Околу 80 проценти од новооснованите компании во светот не траат долгорочно.
Повеќето од нив згаснуваат во првите пет години од нивното основање, а
преживеаните често губат пари обидувајќи се подолго да опстанат...
Статистиката покажува дека процентот на успешни е поголем во земјите со
развиена претприемачка култура и соодветен систем на финансиска и стручна
поддршка за овој сектор.
Околу 80 проценти од новооснованите претпријатија во светот завршуваат со солзи,
а повеќето пропаѓаат во првите пет години. Причина за тоа можат да бидат
надворешните препреки, но за неуспех во развојот на претпријатието клучни се
„детските болести“, кои претприемачот не успева да ги надмине. Ако го оставиме
настрана претприемништвото од потреба, што не е вистинско претприемништво,
една од главните причини за неуспех е тенденцијата на многу претприемачи да ги
преценуваат сопствените способности. Недостатокот на самокритика генерира
многу други проблеми и токму затоа не е редок случај големите пронаоѓачи главно
да се многу лоши претприемачи.
Животот на типична фирма во секторот за мали и средни претпријатија е генерално
краток и болен. Претприемачкиот потфат често започнува како фантастичен сон кој
уште почесто завршува со големо разочарување и затворање. Сè што ќе се најде
помеѓу се сведува на континуирана борба за опстанок во која претприемачот се
обидува да открие зошто неговиот бизнис не е успешен. Околу 80 проценти од
новооснованите компании во светот не траат долгорочно. Повеќето од нив
згаснуваат во првите пет години од нивното основање, а преживеаните често губат
пари обидувајќи се што е можно подолго да опстанат, покажуваат анализите на
повеќето економисти за основните причини зошто малите и средни бизниси
пропаѓаат.
Статистиката покажува дека процентот на успешни е поголем во земјите со развиена
претприемничка култура и соодветен систем на финансиска и стручна поддршка за
овој сектор. Така, и на ниво на Европската Унија, постојат значителни разлики во
стапката на преживување на малите и средни претпријатија. На пример, додека во
Австрија 95 отсто од новооснованите компании ја преживуваат првата година, 80
проценти третата, 68 отсто петтата и 60 отсто го преживуваат својот осми роденден,
во Чешка околу 80 проценти ја преживуваат првата година, околу 55 отсто, третата,
додека помалку од 40 проценти од новооснованите компании, ја преживуваат
шестата година.
Сепак, без разлика на разликите во деловната клима, почетокот на
претприемништвото обично е хаотичен, неизвесен и ризичен. Како резултат на тоа,
многу компании кои го преживуваат овој период избегнуваат повторно да се изложат
на такви ризици. Тие само се стремат да го одржат постигнатото ниво на деловно
работење, па затоа стагнираат и практично не растат. На овој начин и самите
претприемачи стануваат пречка за сопствената компанија, истакнува Молнар.
Недостаток на пари, голема конкуренција
Бројни истражувачи во светот се обидоа да одговорат на прашањето зошто така
огромен број претприемачи пропаѓаат за кратко време? Дали е тоа поради нивната
неспособност да ги надминат сите „детски болести“ во развојот на претпријатието,
или едноставно се такви законите на пазарот? Иако истражувањата донекаде се
разликува во однос на методологијата, заклучоците до кои доаѓаат авторите се
прилично слични и се сведуваат на неколку главни причини за неуспехот на
помалите фирми. Некои од тие причини се поврзани со околината, а други со
личноста на претприемачот.
Најголема надворешна пречка е недостаток на финансии, особено на самиот почеток
кога претприемачот веќе го вложил почетниот капитал и сѐ уште нема приходи.
Меѓутоа, и кога компанијата ќе почне да реализира приходи, често се случува да не
може да го финансира посакуваниот развој од сопствени ресурси. Причините за ова
може да бидат внатрешни, но има многу повеќе кои доаѓаат однадвор за малиот
бизнис, како на пример, потешкотии да ги наплати своите побарувања. Во такви
ситуации, претприемачите можат да посегнат по заеми дури и кога се сигурни дека
на тој начин преземаат голем ризик - дали ќе можат да ги вратат средствата.
Значајна надворешна бариера е и недоволниот пазар. На претприемачите им треба
време да ги наметнат своите производи и услуги на пазар каде што обично има добро
организирана конкуренција и дури повеќе или помалку скриени монополи. Стартап
компаниите кои не се доволно иновативни во она што го нудат имаат многу мали
шанси да станат конкурентни и да освојат поголем број купувачи.
Ограничување за кое помалку се зборува, но може да биде многу значајно, е односот
на околината кон претприемништвото. Ако системот на вредности во општеството е
таков што ја почитува и поттикнува оригиналноста и претприемништвото, тогаш
шансите на претприемачите да успеат се значително поголеми. Наспроти тоа, во
општество кое е „алергично“ на ризици и на поединци кои со своите идеи се стремат
да воведат промени и на тој начин да ја нарушат воспоставената рутина, на
претприемачите им е многу потешко уште на стартот успешно „да зачекорат на
својот пат“.
Големи иноватори, лоши претприемачи
Без оглед на тоа што надворешните пречки значително влијаат на претприемачките
потфати, истражувањата покажуваат дека за успех или неуспех пресудни се
интерните причини. Повеќето претприемачи на почетокот на нивниот бизнис
немаат соодветни информации за идните трендови на пазарот. Колку иднината е
подалечна, тоа се информации врз основа на кои се донесуваат помалку релевантни
одлуки. Друг дел од овој проблем е што сопственикот на стартап фирма има само
делумни информации, што доведува до одлуки кои не одговараат на она што се
случува на пазарот.
И покрај тоа што денес сите стручњаци од оваа област „пробиваат мозок“ дека на
почетокот е неопходен бизнис план, истражувачите дојдоа до податок дека сепак
огромен број претприемачи се впуштаат во оваа авантура без никаков план, или тој
е направен многу површно.
Повеќето мали и средни претпријатија главно работат на решавање на постоечките
проблеми, наместо најмногу да размислуваат за тоа какви ќе бидат проблемите во
иднина и како да одговорат на нив. Ваквото размислување „од денес за утре“ не само
што го спречува растот, туку може да го загрози и веќе постоечкото работење.
Недостатокот на квалификации е честа појава при основање на компанија, а особено
станува очигледно подоцна, кога веќе се „зачекорува“ во работењето. Многу
претприемачи мислат дека е доволно да ги „почувствуваат“ проблемите на пазарот
што имаат намера да ги решат со својот производ или услуга. Затоа и не е редок случај
големите пронаоѓачи да се многу лоши претприемачи, бидејќи не знаат како да ја
комерцијализираат својата идеја. Тие се толку опседнати со својата иновација што
мислат дека таа „сама ќе се продаде“, несвесни дека за тоа се потребни бројни други
работи и знаења кои ги немаат.
Недоволното познавање токму на тие други фактори, неправедно запоставени, често
доведува до фактот дека на прв поглед брилијантните идеи никогаш не го гледаат
пазарот. Понатаму, претприемачите кои имаат идеја многу често не се подготвени,
барем повремено, да ангажираат експерти од одредени деловни области, со кои
побрзо, полесно и поевтино би ја комерцијализирале својата идеја.
Што е богатство?
Истражувањата потврдуваат дека преценувањето на сопствените способности е
карактеристично за голем број претприемачи, а овој проблем генерира и многу
други. Многумина, охрабрени од својата идеја, често забораваат на сопствените
слабости, кои неминовно со текот на времето се повеќе доаѓаат до израз. Доколку
сепак постигнат почетен деловен успех поради околностите, недостатокот на
самокритика може сериозно да ја загрози иднината на компанијата.
Проблем кој често се занемарува и не е ниту наивен ниту редок, е поврзан со семејните
тензии. Секој претприемач е опседнат со својата компанија, особено на почетокот, и
затоа нема доволно време за семеен живот. Ова често предизвикува семејни
несогласувања кои неизбежно влијаат на работата, па многу претприемачи се
обидуваат да го вклучат семејството во компанијата. Ваквото решение, сепак, не е
нужно добро, бидејќи ако членовите на семејството не се заинтересирани за таа
работа или не се дораснати на она што се очекува од нив - има уште поголеми
тешкотии и дома и на работа.
Речиси сите успешни претприемачи изјавуваат дека парите не им биле единствената цел,
туку дека се водени од потребата да создадат нешто вредно што ќе ги надмине.
Истражувањата ги потврдуваат овие тврдења. Ако еден претприемач нема ниту желба ниту
ентузијазам со својата работа да придонесе за нешто ново и подобро, односно ако самиот
не верува во она што го прави туку е мотивиран само од профит - тогаш сонот за богатство
најверојатно ќе се расипе заедно со новоотворениот бизнис.
https://antoris.mk/a/v/zosto-malite-i-srednite-pretprijatija-propagaat-vo-prvite-pet-godini
Download